ЏУЛИЕТА ОД ДУХОВИТЕ

ЏУЛИЕТА ОД ДУХОВИТЕ

Средовечната Џулиета Болдрини од Рим има неугледно потекло, но е мажена за богатиот Џорџо, со кого живеат во отмена куќа покрај морето. Џулиета е празноверна и наивна жена свртена кон духовноста; нејзините сестри, па дури и мајка ѝ, физички се многу попривлечни од неа.

Џорџо приредува голема забава за роденденот на Џулиета, а меѓу гостите е и една гатачка која ќе направи сеанса со духови. Еден од духовите ќе почне агресивно да ја испитува Џулиета, па таа ќе биде опседната со визии. Кога Џорџо во сон ќе го изговори женското име Габриела, Џулиета ќе се посомнева дека мажот ѝ има љубовница. Џулиета набргу ќе се спријатели со сосетката Сузи, елитна проститутка, па под нејзино влијание домот ќе го претвори во бордел во кој двете жени убаво се забавуваат. Но, паралелно со своевидното сексуално ослободување на Џулиета, продолжуваат нејзините халуцинации, сè до моментот кога ќе го затекне Џорџо во телефонски разговор со друга жена и конечно не дознае која е Габриела...

ЏУЛИЕТА ОД ДУХОВИТЕ е прв филм на Фелини во боја, бил учесник на Биеналето во Венеција во 1965 г., следната година го добил „Златниот глобус“ за најдобар странски филм, како и две номинации за „Оскар“. Филмската критика го смета за барокно дело во модернистичка режија, но и феминистички контрапункт на ремек-делото на Фелини ОСУМ И ПОЛ.

Возрасна категорија: 16 години