АВА

АВА

„Ава“ е сензуална, вешта и прекрасна студија за тинејџерската женска сексуалност, раскажана низ очите на своеглавата 13-годишна протагонистка Ава (импресивното откритие Ное Абита) која поради болест наскоро ќе го изгуби видот. Дијагнозата ќе ја промени целосно. Таа не го минува последното лето со мајка ѝ и новородената сестра, а наместо тоа, одбира да влезе во море со превез на очите, да украде куче и да се спријатели со сопственикот на кучето: 18-годишниот одметник Хуан.

По впечатливиот почеток, особено приказот на фрагилната врска меѓу Ава и нејзината мајка, надреализмот стапува на сцена. Низ серија настани, на работ на комичното, Ава станува силна женска и почнува да врши криминални дела со Хуан. Спојот на интензивен адолесцентски бунт со вистински анархизам, и со доза на стар добар тинејџерски фатализам, го прави филмот да даде политичка изјава без отворено да се спомнува политиката.

„Ава“ е брутално искрена и конфронтирачка приказна за женското созревање. Додека некои филмови во текот на целото времетраење го следат преминот од девојка во жена, „Ава“ го прави тоа во само еден кадар: на нудистичка плажа Ава и Хуан се соблекуваат голи, се мачкаат со кал и со пиштоли комично бркаат група непознати. Оваа сцена е полна со филмска енергија и го користи поделениот екран со впечатлив ефект.

„Ава“ е истовремено комплексен карактерен портрет и трогателно збогување со ефемерните слики што ќе ги види последни. Филмот, истовремено, е и омаж на снимањето филм, што веќе само по себе се чини како чин на радикална носталгија. Ова се последните диви искри пред мракот. Снимен на 35 мм филм, што е сѐ поретко, филмот има визуелен сјај, интензивна палета и тактилен квалитет што совршено се вклопува со споредната тема на филмот – губењето на видот на главниот лик.

По завршување на проекцијата на филмот ќе следи разговор со публика со Леа Мисиус-режисерка и Фани Ивоне-продуцентка на филмот „Ава“