АНГЕЛОТ

АНГЕЛОТ

Со руси кадрици и ангелски изглед, Карлос Робледо Пуч повеќе личи на популарен тинејџер отколку на ладнокрвен сериски убиец. Замислете го Таџио од „Смрт во Венеција“ на Висконти, како пораснал во убиец, психопат.
Копродуциран од Педро Алмодовар, „Ангел“ ја драматизира вистинската приказна за најозлогласениот осуден убиец во Аргентина, со најдолга затворска казна. Во Аргентина во 70-тите, младиот криминалец го привлече вниманието на јавноста која беше фасцинирана, згрозена, а можеби возбудена од идејата за згодно момче способно за такви ужасни злосторства. Во неговата куса криминална кариера извршил најмалку 17 кражби, 11 убиства и неколку напади. Изгледот на Карлос, реакцијата на јавноста и неговата шокантно млада возраст се можеби најголемата причина зошто неговата приказна и натаму живее.
Во филмот Карлос е незадоволен тинејџер кој живее со родителите во Буенос Аирес. Тие се скромно, работничко семејство кое го учи синот единец на вредностите на напорна работа и образование. Него не го интересира ни едното ни другото. Наместо тоа, Карлос ја почнува својата криминална кариера како ситен крадец, така што обива куќи и пљачка. Родителите наседнуваат на неговите лаги, но тој е само на почетокот.
Се здружува со згодниот соученик Рамон, при што го запознава својот прв криминален ментор, таткото на Рамон, Хозе, што води до нивниот катастрофален крај. Апетитот на Карлос бргу ги надминува плановите на Хозе и на крај неговите злосторства стануваа толку грозоморни што медиумите го нарекуваат „Ангел на смртта“.
Иако премисата на филмот се заснова на вистинска приказна, „Ангел“ на Луис Ортега не е верен биографски филм. Режисерот си зема за слобода да ја измени приказната за Карлос. Интересот за кражбите на Карлос не е поради парите, болно очигледна е неговата потреба да ги контролира чувствата на друга личност. Тоа е нешто што не може да го украде за себе.
„Ангел“ во неверојатна мера го оживува изгледот и чувството на 70-тите. Прекрасно снимен со многу црн хумор, сценографијата е со многу детали во секоја сцена, придружена со дречлива кинематографија и одлична музика. Ѓаволски добра приказна која експлодира во многу бои на големото платно.