БИТОВИ

БИТОВИ

Најголемиот хит на овогодинешниот Меѓународен филмски фестивал во Ротердам со Стивен Содерберг како извршен продуцент.

Рејв сцената од средината на 90-тите во шкотските предградија е екстатично претставена во „Битови“, заразно прекрасно парче носталгија што гордо го продолжува наследството на Trainspotting. Во 1994 година во Западен Лотијан најдобрите другари Џоно и Станер се големи вљубеници на техно музиката. Нивното пријателство е вистинско, како и нивната страст кон музиката – и културата – што се чини дека е единствената работа во нивниот живот што не е строго регулирана или депресивно безнадежна. Бидејќи владата донесува нов закон чија цел е да се убие културата на рејв забавите, а сили што се надвор од нивна контрола се обидуваат да му стават крај на нивното пријателство, двајцата 15-годишни момчиња одлучуваат да ризикуваат сè и конечно да присуствуваат на вистински рејв.
Истовремено носталгично навраќање кон минатото и живописна, младешка химна за бунтовништвото, „Битови“ ги знае точните состојки што прават една нумера успешна, но е и доволно мудар да додаде малку душа во силните ритмови, благодарение на совршениот спој на главните ликови и нивните изведби. Екстазито е земено и ликовите се губат во етерот кога музиката и сликата ќе надвладеат во една возбудлива, долга халуцинација, проследена со визуелни ефекти од Weirdcore, режисерот на музички спотови зад познатите видеа на Aphex Twin и Radiohead.
Најсмелиот потег на Велш е во завршната, возбудлива рејв секвенца од 10 минути каде што наративот во филмот е одвеан од речиси апстрактното евоцирање на искуството на подиумот кога си на екстази – пулсирачки визии со музиката на The Prodigy и Leftfield. Ова е екстравагантна промена во црно-белиот стил во филмот, со експлозија на живи бои во моментот кога дрогата ќе почне да делува и кои ненадејно се појавуваат во црно-белата груба текстура на снимателот Бенџамин Крацун. Симболички можеби е очигледно, но филмот е успешна визија за поголем, послободен свет од оној што момчињата го знаат, со навистина прекрасен soundtrack за вљубениците во електронската музика. Иако е личен и секогаш страствен за темата, вториот игран филм на Велш е истовремено и шармантен и создаден да задоволи, со јаки емоции на патувањето кон последниот голем рејв.