ВИОЛИНАТА НА ЏО

ВИОЛИНАТА НА ЏО

„Виолината на Џо“ е прекрасен краткометражен документарен филм, номиниран за Оскар во 2017 г. Приказната на Џо е една од трагедиите од холокаустот. На 17 години тој и татко му бегаат од Варшава на советска територија по инвазијата на нацистите. Уапсени се и пратени во различни логори во Сибир, каде што се дел од околу 300.000 полски Евреи што Сталин ги затворил во текот на војната. Тој поминува шест и пол години во гулагот пред Советите да му дозволат да се врати на Запад. Таму повторно се среќава со татко му и со братот што го преживеал Аушвиц. Последното писмо што го добил од мајка му во Варшава содржи стихови полни со надеж од „Песната на Солвеиг“ од норвешкиот композитор Евард Григ, кои се однесуваат на идна средба. Таа средба никогаш не се случува: мајката и помладиот брат на Џо Фајнголд умираат во Треблинка. Од малкуте работи што му остануваат по времето минато во логор, неговата виолина станува тотем на надеж и историја.
Седумдесет години подоцна, виолината е донирана на женско училиште, коешто директорот го опишува како „училиште полно со преживеани“. Филмот ја раскажува приказната за виолината што се предава од човек што го преживеал холокаустот на 12-годишната ученичка од Бронкс, Бријана Перез, ќерка на имигранти од Доминиканска Република. Исклучително за некој што е толку млад, веселата и полна со емпатија Бријана разбира дека инструментот е важен сам по себе. Кога првпат се запознава со Фајнголд, таа ја свири трогателната „Песната на Солвеиг“.
„Виолината на Џо“ е мешавина од историјата на Фајнголд за време на холокаустот и приказната за животот на Перез во домот и на училиште. Два многу различни животи поврзани со еден предмет.

По проекцијата на филмот ќе следи  разговор со публика со режисерката на филмот Кахејн Куперман

Кахејн Куперман е наградувана авторка на документарни филмови и телевизиска продуцентка. Нејзиниот краток документарен филм „Виолината на Џо“ беше номиниран за Оскар во 2017 г. Таа продуцираше седум кратки документарни филмови за аутизам, а режираше два од нив за Ејч-Би-О. Неодамна беше и извршна продуцентка и режисерка на „Ладнокрвно: убиствата на семејството Клатер“, четиричасовна крими серија за вистински криминалци за Санденс ТВ на Амазон Прајм. Беше извршна продуцентка за „Њујоркер претставува“, серија за Амазон Прајм. Од 1996 до 2015 г. таа имаше важна улога во познатата телевизиска емисија „Дејли шоу со Џон Стјуарт“, каде што првично беше ангажирана како теренска продуцентка во 1996 г., а потоа напредуваше до коизвршна продуцентка од 2005 до 2015 г. За нејзината работа во „Дејли шоу“ таа доби 11 Прајмтајм Еми награди и три Пибоди награди.
Во 2017 г. Кахејн беше прогласена за „Влијателна жена“од списанието „Варајати“. Својата кариера ја започна во Мејслес Филмс во Њујорк. Филмографија: „Студена вода“ (филмски фестивал Санденс) и „Снимањето на збунети“ за филмот „Зашеметени и збунети“ на Ричард Линклејтер. Магистрирала филм на Универзитетот „Колумбија“.