ДИВ

ДИВ

Интимната француска драма „Див“ ги открива своите намери уште со воведната сцена. Претерано страсното и експлицитно филмско деби на режисерот Камиј Видал-Наке го врти вниманието кон реалноста на промискуитетните лица што живеат на улица. Го запознаваме Лео, 20-тина години, кој се проституира на осамените крстосници во близина на еден аеродром. Видал-Наке три години го истражувал животот на овие момчиња и интервјуирал мажи кое се занимаваат со проституција на една озлогласена париска улица, што го охрабрило да направи што е можно поискрен и реален портрет на овој начин на живот.
Она што Видал-Наке го прикажува често е брутално или дехуманизирачко, но со постојана дистанца и почит. И покрај тешкиот живот на Лео, тој не се плаши да нè насмее или да ни ја прикаже забавната страна на неговите средби. Оваа разиграност може да изгледа во расчекор со темата на филмот.
Постојат многу непријатни, висцерални моменти на деградација: бездомништво, злоупотреба на дроги, мистериозни кашлици и модринки, садистички сексуални средби и физички напади. Всушност, таа леснотија уште повеќе го потенцира неосудувачкиот и отворен пристап на режисерот кон темата на филмот, а во исто време тој одбива да морализира за сексуалната работа, и наоѓа нежни моменти на интимност, желба и копнеж. Ова е сексуално искрена и неочекувано нежна перспектива на момче што оди по надолна патека. И покрај ужасите на уличната проституција, нуди поглед без предрасуди кон индиферентниот главен лик.
Со неговото импресивно филмско деби, режисерот ни дава филм што е подеднакво фасцинантен и вознемирувачки, но во исто време е и сензуална ода на слободата.