ДИВИ МОМЧИЊА

ДИВИ МОМЧИЊА

Провокативниот француски експериментален уметник Бертран Мандико конечно го сними својот прв игран филм, „Диви момчиња“ по повеќе од 40 кратки филмови. Уште еднаш Мандико создава свој апстрактен, неконвенционален и речиси надреален универзум во кој се одвива неговата приказна.

„Диви момчиња“ е моќно чудо од филм: чудна, еротска фантастична авантура за созревањето што продира во мрачните региони на човечката психа. Раскажува приказна што изгледа ново и од ова време, на начин што потсетува на пријатна халуцинација од некоја заборавена ера.

Пет ученици во една луксузна образовна установа, опседнати од окултното, ќе извршат демонско, дивјачко злосторство. По судењето, холандски капетан ги носи на брутално крстосување на распаднат, опседнат брод. Исцрпени од методите на капетанот, петте момчиња се подготвуваат на бунт. Се закотвуваат на еден натприроден остров со бујна вегетација и магични моќи.
Во филмот се мешаат елементи од „Господар на мувите“, „Пеколен портокал“, па дури и од „Емануела“. „Диви момчиња“ се развива во приказна што не е лесно да се раскаже, но нејзината главна тема е исклучително присутна. Дивите момчиња во филмот ги играат женски актерки – со што уште повеќе се потенцира верувањето на Мандико дека родот е нереален колку и она што го натерало да го создаде ова незаборавно дело.

Тој е автор и на сценариото, што веднаш го отвора прашањето за наметнатите ограничувања на родовите. За да им даде поголема тежина на своите аргументи, момчињата извршуваат злосторство како резултат на своите природни нагони и парадоксално, тие се казнети со протерување во хедонистички рај, за да се реформираат. Постојаните противречности на приказната, заедно со нелинеарната, речиси лирична нарација, создаваат филм што е волшебно богохулен во однос на родовата политичка коректност и е подготвен да ја урне лажната малограѓанска срамежливост на херои(ните) и гледачите.