ДОЛИНА НА СЕНКИТЕ

ДОЛИНА НА СЕНКИТЕ

Во ова сонливо филмско дело,норвешки режисер Јонас М. Гулбрандсен навлегува во длабочините на детската фантазија, измачувана од страв, конфузија и загуба. Аслак живее со мајка му Астрид и со силно чувство за отсуството на неговиот постар брат, чија празна соба е ехо на нивната тага и неразбирањето на Аслак. Кога неговиот другар му покажува заклани овци, тој му ја полни главата со приказни за полна месечина и врколаци кои стануваат уште пострашни со графичките илустрации од една стара сликовница, слики што го претскажуваат физичкото патување на протагонистот во еден забранет, а можеби и митски свет. Иако е уверен дека врколак се крие во злокобната шума на планината, тој самиот се впушта во опасна одисеја во потрага по одговори – и по избеганото куче. Филмот го изолира ова речиси сенишно бледо дете во опасниот предел на сенките, во придружба на богатото оркестарско дело на Збигњев Прајснер.

Филмот е прекрасно снимен на 35 мм лента и користи преубави слики кои потсетуваат на некоја заборавена легенда од нордиската митологија. Употребата на меланхоличната природна светлина и едноставноста на композициите го ставаат малиот Аслак наспроти бескрајното море од дрвја. Пространството на природата е неизмерно. Иако е видливо влијание на широк спектар на уметници, филмот има модерен дизајн дури и кога неговиот концепт останува безвременски. Визуелниот дизајн на филмот е составен дел од овој меѓусвет меѓу реалноста и имагинацијата, од сенчестата куќа на Аслак, каде што темнообоените ѕидови на собите изгледаат како да се надвор од времето и просторот, до надвиснатите дрвја што танцуваат и треперат на ветрот.

„Долина на сенките“ е силен дебитантски филм, снимен со самоувереност . Создава сенчест свет што ве преплавува, во кој едно дете се губи во своите кошмари и можеби дознава дека чудовиштето од кое се плашат сите деца е силата што треба да се заштити.