ЕМА

ЕМА

Ема, млада танчарка, се разведува од Гастон, директор на трупата каде што настапува. Ова е закана и за трупата во која тие се водечки членови – тој е кореографот, а таа главната танчарка. Таа не може да се справи со чувството на вина за Поло, детето што го посвоиле, а подоцна го вратиле во домот, затоа што подметнал пожар во кој се повредила нејзината сестра.

Во обид да го врати посвоениот син, наоружана со пламенофрлач, Ема тргнува по пат на намерен отпор, го прифаќа улично движење на танцот регетон и се впушта во низа врски со луѓе во нејзината орбита од различен пол. Tаа има пламенофрлач и ужива да пали работи – не многу суптилна метафора за нејзината неуморна потрага по катарза и искупување. Ема е мајка, а пирољубовницата Ема е неодгатлива бизарност: талентирана интерпретативна танчарка; манипулативна пироманка на граница да биде социопат; сексуално-флуидна, еротска маѓесничка; и антимајка отпорна на општествените норми.

Пабло Лараин се враќа во родното Чиле за неговиот прв современ игран филм што се случува во Валпараисо: аудиовизуелен спектакл полн со интимност и танцови изведби што нè носат во ноќниот живот на група млади, со исклучителната музика на Николас Јар.