И ТОА Е ЖИВОТ

И ТОА Е ЖИВОТ

Намќорест сопственик на кетеринг фирма се обидува да организира свадба од бајките, а во исто време мора да се потпре на најнеорганизираната група келнери, готвачи, фотографи и свадбени пејачи во историјата на светиот брак во филмот „И тоа е живот“. Ова е експертски составена, добро одиграна и многу забавна комедија на режисерите Ерик Толедано и Оливие Накаш, чиј претходен филм „Недопирливи“ беше огромен хит.

Макс е шеф на угостителска компанија во Париз што нуди кетеринг услуги за секаков вид луксузни забави. Тој ги толерира глупаците што ги вработува, како и идиотите што му се клиенти; неговото трпение е ставено на тест до крајни граници кога ќе прифати огромна работа, голема свадба со дополнителни задолженија на организатор на свадби во замок од 17 век. Ништо не оди според планот ниту при подготовките ниту на самата вечер на свадбата која завршува со фарсичен хаос, а неговиот тим се чини е решен да му го направи животот што е можно покошмарен. Макс, како задолжен за настанот, е централниот лик во приказната околу кој се вртат различни други приказни, а тој мора постојано да ги приспособува плановите за да избегне вистинска катастрофа.

Покрај проблемите со свадбената церемонија, тој има и лични проблеми кога Жоазет (Сузан Клеман, која редовно игра во делата на канадскиот режисер Ксавиер Долан) го откачува и отворено флертува со многу помлад келнер.

Филмот е интелигентно изградена комедија на карактери, а често пати и урнебесна групна комедија снимена речиси целосно во замок од 17 век. Џез музиката на Авишаи Коен е сосема неочекуван, но совршен избор.

Ова е француска комедија каква што само Французите знаат најдобро да направат. Прашање на време е кога Холивуд ќе се обиде да сними свој катастрофален римејк.