КЛЕР ДАРЛИНГ

КЛЕР ДАРЛИНГ

Што сме без нашите спомени и најсакани предмети? Ова е главното прашање во новиот промислен и трогателен филм на Џули Бертучели според романот - бестселер на Линда Ратлеџ.
Првиот ден на летото Клер решава дека тоа е денот кога ќе умре. Но пред да замине, импулсивно одлучува да се ослободи од сè што поседува. А поседува многу. Богатството ѝ овозможило да собира и трупа: слики и мебел со музејски квалитет, Тифани ламби, антиквитетни кукли и механички играчки, часовници, музички кутии, килими итн. Сите омилени предмети ги изложува во дворот на продажба. Додека толпа љубопитни минувачи и соседи се борат околу смешно евтините антиквитети, секој предмет предизвикува живи спомени што ја враќаат во времето во серија флешбекови. Секој ја поврзува со сеќавање или настан од нејзиниот живописен, понекогаш луд живот. Се се продава за неверојатно мала цена; а секое продадено парче ослободува дел од нејзината душа. Како што се шири гласот за најновото лудило на Клер, Мари Дарлинг (вистинската ќерка на Денев, Кјара Мастројани), отуѓената ќерка на Клер која не ја видела 20 години, е принудена да се врати во семејната куќата за да ја запре продажбата и да ги открие причините зад ексцентричната одлука на мајка ѝ.
Ова е длабоко личен филм за Бертучели, снимен на имотот на нејзината покојна баба. Филмот ја истражува врската меѓу мајка и ќерка и прикажува силни женски ликови. Ова е шармантна, елегантна и исклучително добро одиграна семејна драма.