КРВАВО МЛЕКО

КРВАВО МЛЕКО

Млад, осамен сточар опседнат со својата работа ќе направи сѐ за да ги спаси кравите од заканата од епидемија што може да ги уништи во овој неконвенционален ноар и личен прв игран филм на Убер Шаруел, „Крваво млеко“, искрен поглед кон руралниот живот кој си подигрува со трилерските конвенции. Секојдневниот живот на сточарите ретко е тема во француската кинематографија.

Во првата сцена, која наликува на сон, Пјер (Сван Арло, „Анархисти“) се буди опкружен со своите 30 крави, кои го зазеле целиот негов мал дом, дури и спалната соба. Оваа сцена го воспоставува тонот на филмот, натуралистичка карактерна студија на маж кој се затворил со своите животни, полна со елементи на овој жанр и на работ на фантазијата, во обид да навлезе во измачениот ум на протагонистот. Животот на Пјер се врти околу неговата фарма, сите животни ги вика по име и го чека раѓањето на секое теле ко што би чекал свое дете. Тензијата расте во првите две третини на филмот, кога Пјер очајнички се обидува да го скрие фактот дека епидемијата се шири и дека веќе морал да убие две крави (првото убиство снимено како сцена на егзекуција е еден од најсилните моменти во филмот). Вешто раскажувајќи ја едноставната приказна, режисерот максимално ја користи извонредната изведба на Сван Арло и на споредните ликови кои се многу реални (напорната мајка, локалната пекарка во потрага по маж, пријателите) за да ни донесе нежен филм што истражува едно драматично социјално прашање. Филмот, пред сѐ, е деликатен портрет на осаменоста на еден маж кој целосно е посветен на земјата и животните.