МАКЕДОНСКИОТ ДОН КИХОТ

МАКЕДОНСКИОТ ДОН КИХОТ

Со сликарството на Владимир Георгиевски, македонски уметник со светско реноме, за првпат се сретнав во мојата рана младост во Париз кога излагаше во познатата галерија „Cite des arts“ на Кејот на Сена наспроти Notre Dame de Paris и од тогаш до денес го носам во Галеријата на моето срце како сите светски сликари што како фрескописци ни ја осветлуваат животната стварност во парламентот на боите: Ван Гог, Курбе, Пикасо, Дирер, Моне, Рембрант, Вернер, Бројгел, Ел Греко...

Судбината сакаше филмот „Македонскиот Дон Кихот“ да го снимаме во четирите митски точки на неговиот живот: ателјето на Архитектонско-градежниот факултет, гаражата во населбата Пролет во Скопје каде што се одвиваше конспиративната фреска „Одење по маките“, црквата Св. Ѓорѓи во Чаир каде што започнува уметничката матрица на неговото детство и Музејот на град Скопје каде што се отвори неговата интернационална изложба за Дон Кихот, по повод 400 години од смртта на Сервантес која веќе ја започна својата меѓународна одисеја, а нашиот сакан професор веќе е во Вечноста!