НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ ЗАПОЧНА РЕТРОСПЕКТИВАТА НА МЕТО ЈОВАНОВСКИ

 

Со врачувањето на Повелбата за исклучителен придонес во филмската уметност, синоќа во Кинотеката започна Омажот на Мето Јовановски, кој е дел од програмата на 22. издание на Скопје филм фестивал.
Заблагодарувајќи му за легендарните улоги, Повелбата му ја врачи директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.
„Има актери кои умеат така лесно да ве убедат во невозможното, има актери кои умеат на се да му дадат свој печат, има актери кои умеат секоја ролја да ја направат незаборавна, има актери чија умешност едноставно ве остава без здив, има актери кои така неверојатно ги минуваат границите. Има актери за кои не сте сигурни дали го одбележале македонскиот филм или се претвориле во таков симбол по кој македонскиот филм го препознаваме. И не само филмот. Мето Јовановски е еден од оние актери кои го одбележаа македонското глумиште, бидејќи без оглед дали се работи за филм или за театар неговите, ролји мали или големи, секогаш остануваат во паметење. Неговата харизма, неговиот талент, неговата особеност, без нималку претерување, се нешто кое умее на секоја улога да и даде не само живот, туку боја, сила, карактер, умее да и даде таков печат, кој не може никого да го остави рамнодушен“, се вели во образложението на Скопје филм фестивал.
Заблагодарувајќи за признанието Јовановски рече дека радоста најмногу ја споделува со најмладата генерација која со себе носи нов филмски сензибилитет ослободен од сите стереотипи и малограѓански предрасуди.
„Да се биде актер, филмски работник, соработник, да се биде дел од филмска екипа, да се влезе во светот на креативноста, во тој тајновит волшебен свет и барем за миг да се заборави тој црно бел свет со желба да се преточи животот во возвишен и креативен чин е чест и привилегија но и одговорност пред оние за кои постоиме, а тоа се нашите гледачи, публиката која знае да ја вреднува нашата уметничка, креативена работа и со кои заедно го славиме творештвото - уметноста и животот како највисока универзална вредност. Да ги славиме филмот и уметноста како зрак светлина против мрачните стереотипи и се она што ја убива душата човекова“, рече Јовановски.
По свеченоста беше прикажан филмот „Кога ќе осамне ден“ (2015) во режија на Горан Паскаљевиќ.
Кинотеката и Скопје филм фестивал во овој омаж на Мето Јовановски прикажуваат вкупно осум филмови. Тоа се неговите улоги кои ги играше во регионот, бидејќи Јовановски го одбележа македонското глумиште, но и југословенското и многу пошироко.