НЕПОСЛУШНОСТ

НЕПОСЛУШНОСТ

„Непослушност“ на Себастијан Лелио е прекрасна, напната и емотивно изнијансирана драма што се занимава со тешки прашања за тензијата меѓу животот во кој сме родени и оној што го одбираме за себе. Ронит, живее сама и води модерен и боемски живот како фотографка во Њујорк. Таа е црната овца во семејство на ортодоксни Евреи од Лондон. Поради смртта на нејзиниот татко, почитуван рабин, се враќа дома за да му оддаде почит и да го среди наследството. Ронит го напуштила Лондон за секуларен живот во Њујорк делумно за да ја избегне заглушувачката ригидност на вредностите на татко ѝ: таа е пркосна и ужива во слободата, но сепак чувствува вина што го скршила срцето на татко ѝ; таа е ќерка единица, а татко ѝ вдовец. Ронит е сѐ што му останало. Се среќава со пријателката од детството Ести, со која биле повеќе од другарки: биле љубовници како тинејџерки – таа не бега само од религијата, туку и од забранетата љубов. Ести сериозно ги сфаќа верата и заедницата, така што доаѓањето на Ронит има сериозен ефект врз нецелосниот, но сепак значаен живот што го живее во нејзино отсуство.

Филмот почнува како студија на религиозна опресија и полека прераснува во нешто многу посуштествено. „Непослушност“ ја открива приказната за тоа како Ронит се вљубила во жената каква што не сакала да стане, а двата лика се, всушност, еден ист човек поделен на две. Ести е врската на Ронит со домот, но таа го претставува и сето она од што сакала да избега. Дали е поголем грев да му се спротивставиш на Бога или да се спротивставиш на својата вистинска природа? Ова прашање не е директно поставено, но се крие на крајот од немирот кој полека зоврива во страст и покајание, во приказна што ја претвора живописната премиса во мисловно преживување на изборот.