ОДМОР

ОДМОР

Младата и убава Саша ќе открие дека нејзиниот безгрижен и забавен живот си има своја цена кога ќе биде примена во „семејството“ на своето момче, дилер на дрога, во неговата вила на турската ривиера. Кога Саша ќе обрне внимание на друг маж, оваа убава фасада ќе биде соголена до коска, а физичкото и психолошкото насилство се начин на живот во ова непредвидливо опкружување. „Одмор“ е вознемирувачки филм кој прикажува портрет на млада жена фатена во стапица на суров партнер, а бруталната сцена на силување е повознемирувачка од сѐ друго видено во светската кинематографија по филмот „Неповратно“ на Гаспар Ное.

Ужасен приказ на доминантна фигура која сѐ во својот дофат третира како предмет што може да го злоупотреби како што сака. Ова е момент што ги тера гледачите да го свртат погледот, а нагонот да се избегне таа нелагодност ја илустрира леснотијата со која човек ја избегнува тешката вистина за општество корумпирано од моќни мажи.

Дебито на Изабела Еклоф не е празна провокација, тоа е бескомпромисно тешка и жестока студија за социјалниот статус и силите на пазарот. Таа го следи светот на Саша со тивки, внимателни долги кадри, кои создаваат бавен ритам испресечен со неочекувани изблици на насилство.

Клубот на современи филмски провокатори со кои „Одмор“ најверојатно ќе биде споредуван – Улрих Сајдл, Мајкл Ханеке, Гаспар Ное – е претежно машки и на некој начин покажува дека хегемонијата не е далеку од мислите на Еклоф во нејзиниот дрзок прв игран филм.