ПОТРЕСИ

ПОТРЕСИ

Режисерот Џеиро Бустаманте, добитник на Сребрена мечка на Берлинскиот филмски фестивал, се враќа со комплексна и социјално ангажирана драма што се одвива во градот Гватемала. Оваа гватемалско-француска копродукција повторно го обединува наградуваниот тим од неговиот претходен филм за контроверзна приказна за љубовта, семејството и религиозната нетолеранција. Пабло е 40-годишен маж, женет, со две деца. Тој е човек за пример и верник-евангелист, но неговиот совршен традиционален живот почнува да се распаѓа кога ќе се вљуби во маж. Пабло сфаќа дека неговите чувства се во конфликт со верата, и тој е растргнат меѓу „традиционалните“ општествени вредности и желбите на поединците што не можат или не сакаат да ги прифатат. Набрзо животот му станува пекол со репресивна нетолеранција кога семејството и црквата ќе одлучат да направат сè што треба за да го „излекуваат“, и го принудуваат да ги потисне своите нагони со терапија. Во обид да ги спои навидум неспоивите светови заедно, тој се согласува да оди во камп за „лекување“ што го организира евангелската црква.
Во религиозната Гватемала, каде што хомосексуалноста е легална, но сè уште главно е табу тема, а сексуално мотивираните злосторства од омраза се толерирани од владата, природата на неговото неверство доведува до насилен семеен распад.
Во вториот луциден филм на Бустаманте, филмскиот клуч се наоѓа во ѓаволската природа на дилемата на Пабло: тој е принуден да бира меѓу себе и семејството, што е единствен начин на крајот да ги изгуби и двете.
„Потреси“ е убедлив, трогателен и гневен приказ на тоа како е да се биде геј маж во општество каде што доминира многу традиционалната верзија на христијанската религија.