ПРИВАТНА РАБОТА

ПРИВАТНА РАБОТА

Во елегантната историска драма на Паоло и Виторио Тавијани е прикажан љубовен триаголник во превирањата на Втората светска војна и партизанскиот отпор во Италија.

Одговорни за некои од најистакнатите филмови во историјата на италијанската кинематографија, познатите браќа Тавијани, ги бираат Втората светска војна и италијанското антифашистичко движење на отпорот како тема за својот нов филм. „Приватна работа“, филм со сите познати карактеристики што Тавијани ги усовршуваат низ децениите, е раскошна и елегантно раскажана приказна за идеалистичка млада љубов и и горчливата стварност што ѝ се испречува на патот.

Милтон, убаво момче, именувано според големиот англиски поет од 17 век, е лудо вљубен во енигматичната Фулвија, која е еднакво кокета и непредвидлива колку и прекрасна. Во текот на едно идилично лето поминато во куќа на село, Милтон се обидува да го привлече нејзиното внимание бидејќи постои опасност да ја освои новодојдениот харизматичен Џорџо. Тројката ужива во последното лето пред облаците на војната да ја помрачат нивната среќа. Една година подоцна, војната е во тек, а Фулвија заминува за Торино. Милтон и Џорџ се приклучуваат на антифашистичкото движење на отпорот. За време на војната, Милтон е во мисија да го спаси Џорџо, кој е заробен и најверојатно ќе биде погубен. Обидот на Милтон да го најде и спаси пријателот го соочува со една страшна дилема, а неговата несигурност го води во уште поопасни ситуации. Тој ја губи контролата врз своите рационални верувања и го водат луда љубомора и чувство на вина што едвај ги контролира.

Магливите ридови во северна Италија, каде што порано дејствувале партизаните, даваат злокобна атмосфера и го прават филмот длабока и сочувствителна опсервација за личното однесено од брановите на историјата.