Размислувања за квир кинематографијата и промоција на книгата „За засрамените геј мажи“ (Ендру Хоџс и Дејвид Хатер)

На овој настан, Жоао Флоренсио (Универзитет Екситер) и Станимир Панајотов (Централноевропски универзитет, Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје) ќе ја водат публиката низ кусата, но моќна историја на квир филмот. Ќе нè запознаат со делата на легендарните независни режисери и сценаристи, како Жене, Фасбиндер и Џарман преку Грег Араки и новата квир кинематографија, сè до Брус Лабрус, како поновите документарци за кризата со сида и историите на сеќавање, и улогата на порното во современиот квир филм. Заедно тие ќе ги разоткријат најважните теми и идеи што се движечка сила на квир филмовите до денес, на заедничко предавање, по што ќе следува отворена дискусија со публиката.

Во рамките на настанот, Левичарското движење „Солидарност“ ќе ја промовира и книгата „За засрамените геј мажи“ од Ендру Хоџс и Дејвид Хатер, кои на смел и бескомпромисен начин прават анализа за тоа како геј луѓето се самоугнетуваат и стануваат агенс во системот на културна опресија во општествата. Напишан во 1974 година, овој памфлет цели кон истражување и објаснување за тоа како, преку самоопресирање, ѝ дозволуваме на хомосексуалната опресија да го одржи својот огромен успех. Започнува онаму каде што застанаа психијатријата и хомосексуалноста и не се обидува да ги открие причините за хомосексуалната опресија, туку средствата со кои таа се служи. Напишан е од хомосексуалци, за да биде читан од хомосексуалци, со избор на тема што значи дека во целост ќе заземе критички став.

Жоао Флоренсио е професор по историја на модерна и современа уметност и визуелна култура на Универзитетот Екситер и работи на точките на вкрстување на визуелната култура, квир теоријата и современата филозофија. Во моментот работи на монографија наречена „Порно без кондоми, порозна мажественост, квир иднина: етиката на станување свиња“ (издавачка куќа „Рутлеџ“) и на документарен филм што ја истражува машкоста во геј порното „постсида“.

Станимир Панајотов е докторанд по компаративни родови студии на Централноевропскиот универзитет, Будимпешта и помлад истражувач на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје. Тој работи на точките на вкрстување на континенталната и феминистичката филозофија, не-филозофија и неоплатонизам. Тој е кодиректор и организатор на Софискиот квир форум (2012 - до денес) и беше коорганизатор на Летната школа за сексуалности, култури и политика (2012 – 2017) во Белград.