Ретроспектива на Стенли Кјубрик

Ретроспектива на Стенли Кјубрик
Легендарниот американски автор, филмски режисер, сценарист, продуцент, снимател, монтажер и фотограф Стенли Кјубрик (1928-1999) е симбол за филмскиот бран на Новиот Холивуд. 
Многу историчари на филмот сметаат дека филмовите на Кјубрик се „дел од најважниот придонес за светската кинематографија во дваесеттиот век“, а тој често се наведува како еден од најголемите и највлијателни режисери во филмската историја. Неговите филмови, кои обично се адаптации на романи или кратки раскази, опфаќаат различни жанрови и се познати по својот реализам, мрачен хумор, уникатна фотографија, обемни сетови и евокативна употреба на музиката. 
Познат по својот перфекционизам и неограничена посветеност на уметноста на филмот, Стенли Кјубрик си го врежа името во филмската историја со едни од најпредизвикувачките и највпечатливи филмови на сите времиња. 
„2001: Одисеја во вселената“, „Сјаење“, „Пеколен портокал“ и „Доктор Стрејнџлав“ се уникатни дела кои е невозможно да се дешифрираат преку вообичаениот начин на кој ги гледаме филмовите. Тие  не се само обични кинематографски записи. Тие се поблиску до музиката, во смисла дека овие дела воспоставуваат една тема и дозволуваат емоциите да доминираат при уживањето во филмот. 
Секој филм е уникатен проект за Стенли Кјубрик. Неговите филмови не се тематски поврзани и единствената врска што може да се најде кај сите нив се неговата целосна, бескомпромисна посветеност и виртуозност. Највисокото ниво на авторство, почнувајќи од целосна посветеност при истражување и дискусии за сценариото, па напорната реализација на неговите многу префинети филмови, заедно со неговата естетска и техничка рафинираност, ги направија делата на Кјубрик комплексен опус што треба да се анализира и што е невозможно да се заборави. 
На свој начин, Кјубрик се движеше по една непоправлива траекторија и се етаблираше како највлијателен автор во историјата на филмот. Тој ги диктираше правилата и доминираше во играта онака како што му одговараше и ниту еднаш неговите филмови не беа предмет на анализа на некој друг. Тој се бореше против цензурата и конзерватизмот, а сепак успеа да постигне финансиски успех. 
Стенли Кјубрик не е многу плоден филмаџија – сними само 13 долгометражни филмови за 46 години – но неговите постигнувања се впечатливи. 
Кјубрик, строг перфекционист, ја имаше контролата врз повеќето аспекти на процесот на правење филм, од режија и сценарио до монтажа, така што многу труд вложуваше при истражување на филмовите и поставување на сцените, а работеше во тесна координација со актерите и другите соработници. Често бараше десетици пати да се снима истата сцена во филм, што доведуваше до многу конфликти со екипата. И покрај тоа што беше озлогласен кај актерите, многу филмови на Кјубрик беа пионерски во кинематографијата.
Првиот британски филм на Кјубрик беше „Лолита“ (1962), кој беше внимателно изграден и насочуван да не ги навреди одборите за цензура кои во тоа време имаа моќ многу да му наштетат на комерцијалниот успех на еден филм. 
„Доктор Стрејнџлав или: како научив да престанам да се грижам и да ја сакам бомбата“ (1964) беше голем ризик за Кјубрик; пред ова, „нуклеарното“ не се сметаше за тема на комедија. Првично Кјубрик го напишал како драма, при што одлучил дека премногу од идеите се пресмешни за да бидат сфатени сериозно. 
Научниот реализам и инвентивните специјални ефекти во „2001: Одисеја во вселената“ (1968) беа без преседан во историјата на кинематографијата, а филмот му го донесе единствениот „Оскар за најдобри визуелни ефекти“. Стивен Спилберг го нарекуваше филмот „биг бенг“ на својата генерација, а се смета за еден од најдобрите филмови снимени воопшто. 
За историскиот филм што се одвива во 18 век „Бери Линдон“ (1975), Кјубрик набавил леќи што Цајс ги направил за НАСА, за да снима сцени под природна светлина од свеќа. Со „Сјаење“ (1980), тој стана еден од првите режисери што користеше „стедикем“ за стабилизирани и флуидни подвижни кадри. 
Иако многу од филмовите на Кјубрик беа контроверзни и на почетокот добиваа различни рецензии – особено „Пеколен портокал“ (1971), кој Кјубрик го повлече од прикажување во Велика Британија поради медиумското лудило – повеќето беа номинирани за „оскари“, „златни глобуси“ или БАФТА награди, а потоа беа и критички преиспитани. 
Кјубрик го споредуваше разбирањето на своите филмови со популарната музика, во смисла на тоа дека без оглед на потеклото или интелектот на поединецот, во плоча на Битлси може да уживаат и камионџија од Алабама и млад интелектуалец од Кембриџ, исто како и во неговите филмови бидејќи нивните „емоции и потсвест се многу послични отколку нивниот интелект“. Тој сметаше дека потсвесната емотивна реакција предизвикана кај публиката е многу помоќна кај филмскиот медиум отколку кај која било друга традиционална вербална форма, и тоа е една од причините поради која често се потпираше на долги периоди во филмовите без дијалог, ставајќи акцент на сликата и звукот. 
Во интервју за списанието „Тајм“ од 1975, Кјубрик изјави: „Суштината на драмската форма е да дозволи една идеја да ги совлада луѓето без да биде тоа јасно кажано. Кога кажуваш нешто директно, тоа едноставно не е толку моќно како кога ќе им дозволиш на луѓето сами да го откријат“.
Делата на Стенли Кјубрик и натаму се едни од најзначајните во светската кинематографија и нè тераат да размислуваме за тоа кои сме, давајќи ни подлабок увид во човечката природа. 
 
Бери Линдон

Бери Линдон

ВБ, САД, 1975, 187 min

Режисер:Стенли Кјубрик

Улоги: Рајан О’Нил, Мариса Беренсон, Патрик Меги, Харди Кругер

Лолита

Лолита

ВБ, САД, 1962, 152 мин

Режија:Стенли Кјубрик

Улоги: Џејмс Мејсон, Су Лајон, Питер Селерс, Шели Винтерс

Сјаење

Сјаење

ВБ, САД, 1980,144 мин

Режија:Стенли Кјубрик

Улоги: Џек Николсон, Шели Дувал, Дени Лојд

„2001: Одисеја во вселената“

„2001: Одисеја во вселената“

ВБ, САД, 1968, 142 мин

Режија:Стенли Кјубрик

Улоги:Кир Дали, Гери Локвуд

Пеколен портокал

Пеколен портокал

ВБ, САД, 1971, 136 мин.

Режија:Стенли Кјубрик

Улоги: Малколм Мекдауел, Патрик Меги, Адриен Кори, Миријам Карлин