СЕ ГЛЕДАМЕ ТАМУ ГОРЕ

СЕ ГЛЕДАМЕ ТАМУ ГОРЕ

Крајот на Првата светска војна во 1918, Едуар, талентиран уметник кој потекнува од богато семејство, и неговиот пријател Албер успеваат да ја преживеат војната, но лицето на Едуар е ужасно нагрдено, па поради тоа не сака неговото семејство да знае дека е жив.
Филмот ја следи апсурдноста на нивниот живот додека се обидуваат да се интегрираат назад во општеството. Едуар ги минува деновите правејќи екстравагантни маски за да го скрие унакажаното лице. Неговото манично однесување е прекрасно прикажано преку неговите екстравагантни маски додека се справува со траумата и зависноста од морфиум. Поради сиромаштијата и зависноста на Едуар од морфиум, тие двајцата прават план да ја искористат јавноста, која ги обожува воените хероите, и да се збогатат со измама.

Филмот е импресивен поради визуелниот раскош што ни се нуди на екранот. Ова е ектравагентен историски филм кој користи визуелно раскажување за да ги долови моментите на човечка трагедија и мрачна комедија. Маските, дело на уметницата за шминка Сесил Кречмар, се само дел од многуте технички достигнувања во оваа продукција од 24 милиони долари што го прикажува талентот на Дупонтел за поставување на организиран хаос во многу детали и екстремно богатство и за доловување на Париз од 20-те години на минатиот век, кој делува многу живописно и верно.

Дупонтел успева да создаде нешто што е реткост во современата француска кинематографија: прекрасен спектакл со надреален хумор и исклучително мрачни теми во совршено спакувана целина. Филм што докажува дека истовремено може да биде и спектакл и уметност. Сценографијата и тонот потсеќаат на „Многу долга веридба“ на Жан-Пјер Жене. Сите изведби се одлични. Особено Науел Перез Бискајар од „120 удари во минута“ му дава таква човечност на Еудар што претставува вистинско откритие.

Ова е еден од најлуксузните и технички најблескави филмови со воена тематика што веројатно ќе го видите. Храбар, смешен, мрачен и брутален, многукратно наградуван филм каков што може да ни го даде само француската кинематографија.

Со пет награди Цезар за најдобра режија, сценарио, кинематографија, костими и сценографија „Се гледаме таму горе“ ги заслужува сите пофалби што ги добива.