СИБЕЛ

СИБЕЛ

Мештаните во североисточното село Кушкеј имаат уникатна форма на комуникација преку брдовитите полиња, така што ги имитираат птиците, а звуците ги усовршуваат така што сложени реченици се пренесуваат преку укање и свиркање. Ова е фасцинантно за слушање и е наводно точен приказ на тоа како жителите се довикуваат еден со друг. Приказната се врти околу Сибел, 20-годишна нема девојка, која комуницира со користење на јазикот што го свиркале нејзините предци. Нејзиниот татко Емин, главатар на селото, е еден од малкуте што сè уште може да ја разбере. Маргинализирана од селаните затоа што не може да зборува и отфрлена од жените кои сметаат дека е знак на лоша среќа, Сибел има една пријателка во Нарин, полудена стара мома која живее сама и го чека вереникот кој исчезнал пред децении. Импликацијата е дека нејзиниот изолиран, самотен живот во шумата може да биде иднината на Сибел.
Сибел напорно работи, таа е постојано во движење, работи на нива, сече дрва, и готви за татко ѝ и помалата сестра. Таа оди на лов на волк за кој се зборува дека талка низ областа. При ловот таа е нападната од Али, мистериозен повреден маж што таа го фаќа во стапица, а потоа скришно го негува во шумата додека заздрави. Тој е прв што ја цени нејзината убавина, и првиот, освен татко ѝ, што не ја отфрла.
Во „Сибел“ има дефинитивни елементи на басна. Режисерите на филмот свесно си играат со народни приказни, особено елементот со волкот што претставува страв од надворешното и ѝ дава на Сибел цел кон која треба да се стреми: ако го убие волкот, заедницата ќе ја прифати. Домашниот живот ја прави Сибел Пепелашка во семејството, а нејзината злобна сестра Фатма лесно може да биде лошата полусестра. Нејзиниот принц на бел коњ е Али. Поради нејзината решеност да го заштити и да се грижи за Али таа се судира со татко ѝ, но тоа е и начин да ја искаже својата независност.
Со цврсто, фокусирано раскажување, „Сибел“ е импресивен филм со тоа како го претставува патот и на другите ликови. Новопронајдениот пркос и самодоверба ја менуваат Сибел и влијаат и на нејзиното семејство.