СФФ дискусија: Модата и родовиот идентитет

Модната ревија како перформанс генерално се потпира на театралноста: сцената, шоуто, изведбата и продукцијата треба да бидат на ниво на апсолутно совршенство. Сето ова, и многу повеќе, е опфатено во Модното фрик шоу на Жан Пол Готје. Овој живописен документарец за неговото шоу ни дава можност да ја истражиме не само модната виртуозност на Готје, туку и флуидноста меѓу темите за квир идентитет, модна екстраваганција и самиот перформанс. Инспириран од филмот „Фрик и шик“, во текот на овој специјално организирана СФФ дискусија, ќе се обидеме да се осврнеме на темата која ја опфаќа меѓусебната поврзаност на родовиот идентитет, сексуалноста, модата и перформативноста.
Специјална гостинка: Луиз Валенберг, вонредна професорка по модни студии во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм, и поранешна директорка на Центарот за модни студии. Докторирала филмски студии на Универзитетот во Стокхолм. Нејзините истражувања се фокусираат на родовите идентитети, сексуалноста, класите и етносот во областа на модата и филмот. Таа е авторка на многу книги и публикации за модата, филмот и родот.
Модераторка на разговорот: Кристина Глигоровска, модна истражувачка, членка на француската мрежа за модно истражување – Culture(s) de Mode, и консултант за модни медиуми. Нејзината експертиза е анализа на модата како мултидисциплинарна област, со фокус на врската меѓу модата, телото и технологијата.