ФАНИ ЛАЈ

ФАНИ ЛАЈ

На една изолирана фарма во Шропшир во 1657 година се одвива приказната за Фани Лај, жена која живее во насилен брак и која ќе најде неверојатна сила што ја води кон откривање на нов свет на можности – иако по голема цена. Англија е во канџите на пуританизмот и под владеење на Оливер Кромвел, атмосферата е репресивна и тешка, и тоа е еден рестриктивен период за личните и политички слободи, несфатлив за денешно време. Фани Лај води строг пуритански живот со сопругот Џон и младиот син Артур, а сè ќе се промени со неочекуваното доаѓање на двајца туѓинци, млада двојка во бегство од безмилосниот шериф и неговиот заменик. Врските на Фани со нејзиното семејство се ставени на искушение додека таа се бори – и се соочува – со непријатели на сите фронтови.

Третиот филм на сценаристот и режисер Томас Клеј, создаван десет години и снимен на 35 мм лента, е импресивен и моќен пример на независниот британски филм што ги изместува жанровите. Радикален и субверзивен при истражувањето на еден од најтурбулентните британски периоди тој создава впечатлив, феминистички „пуритански вестерн“, фасцинантна и брутална, мрачно-смешна и необично хипнотична приказна од овој каллив период на Англија, посветувајќи исклучително внимание на историските детали.