ФАРЕНХАЈТ 11/9

ФАРЕНХАЈТ 11/9

Најсериозниот американски провокатор се враќа со разбеснет документарец што не е само антитрамповски, како што алудира насловот. „Фаренхајт 11/9“ – игра со зборови на неговиот хит од 2004 г. „Фаренхајт 9/11“ – се однесува на фактот дека победата на Трамп беше потврдена во раните утрински часови на 9 ноември 2016, т.е. 11/9. „Фаренхајт 11/9“ се осврнува на опасноста за американската демократија од однесувањето и постапките на Трамп. Ја критикува и Демократската партија и медиумите што помогнаа да се создаде климата на разочарување, што ја потпомогна победата на Трамп во 2016 г. Голем дел од филмот се осврнува на кризата со вода во градот Флинт – кога мерките за намалување на буџетот доведоа до загадување на водата со олово – како микрокосмос каде што владата може да прави злоупотреби кога ги става парите и моќта пред граѓаните. Во нарацијата на филмот Мур го опишува она што се случило во Флинт, сиромашен град со мнозинско афро-американско население, како „бавно етничко чистење“.
Документарецот се осврнува на многу теми, понекогаш се фокусира на националната епидемија на штрајкови на наставници за подобри плати и маршот во Вашингтон за да се стави крај на оруженото насилство што го организираа учениците што го преживеаја нападот во Паркленд, Флорида.
„Гардијан“ го пофали пристапот на сеопфатен напад: „Никој не е заштитен од нападите на Мур, кој бара виновник за подемот на Трамп. Клинтон, Путин, Републиканската партија, „Њујорк тајмс“, дури и милионите кои задоволно го гледаа како меле на ТВ: сите сме соучесници“.
„Варајати“ пишува за моќната порака на документарецот за фашизмот: „Мур веднаш ја прави ултимативната споредба со Хитлер – но неговата поента не е да го критикува Доналд Трамп така што ќе го спореди со најзлобниот ум на 20 век. Неговата поента е: еве како се случи ова, кога никој не мислеше дека тоа може да се случи. Така што мислиш дека нема да се случи, но ќе се случи“.
Генерално, пораката на филмот е: не верувајте во херои. Излезете, организирајте се, сами средете ги работите.