ЧИСТИ СРЦА

ЧИСТИ СРЦА

Филмот ја имаше својата премиера на Канскиот филмски фестивал, а режисерот Роберто де Паолис е нов, свеж глас во италијанската кинематографија. Ањезе и Стефано се суштински различни. Таа е многу религиозна, живее со строга и посветена мајка, оди во црква и треба да даде завет за невиност пред брак. Тој е момче со тешко минато и работи како чувар на паркинг во трговски центар во близина на голем ромски камп. Од нивната средба се раѓаат вистински чувства, неочекувано ќе се вљубат што ќе ги натера да се посомневаат во сѐ што веруваат сѐ додека Ањезе, несигурна дали треба да ги изневери своите идеали, ќе донесе ектремна и неочекувана одлука.

Нивниот необичен спој вади на виделина работи со кои тие воопшто не биле во допир претходно. За Ањезе, созревањето како жена значи отфрлање на стегите од црквата. Кога родителите на Стефано ги бркаат од станот каде што живеат, тој сфаќа дека не е голема разликата меѓу него и Ромите што инстинктивно ги осудува. И двајцата млади чувствуваат како стабилноста им исчезнува; единствена шанса за опстанок е да се држат еден за друг.

Филмот на деликатен начин го критикува подемот на христијанскиот фундаментализам во Италија денес и односот на земјата кон ромското население преку хемијата меѓу магнетски привлечните главни актери Селене Карамаца и Симоне Либерати.
„Чисти срца“ е деликатна и емотивна приказна за првата љубов на двајца млади додека се справуваат со непријателско опкружувањето поради економски, социјални и религиозни притисоци – што е многу актуелно во денешна Италија. Снимен е со голема вистина и интегритет – поздрав на неореалистичниот стил на италијанскиот филм од златната ера.