НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТВАЛ ДВЕ РАБОТИЛНИЦИ, СРЕДБА СО АКТЕРКАТА АНАСТАСИЈА ЕВГРАФОВА

 

На годинешното 22. издание на Скопје филм фестивал, се одржуваат две работилници за различни аспекти на создавањето филм.

Во организација на Млади активисти за промена и Женска алијанса, во соработка со Скопје филм фестивал и Денови на квир кино се одржа четириденвната работилница за правење филм што меѓу другото вклучуваше практична работа за основните филмски техники и камера, развивање на индивидуалните идеи за филм, работилница за монтажа, а последниот ден и создавање на еден краток филм. Предавачи на оваа работилница беа Крис Белони, продуцент и режисер на документарни филмови од Меѓународниот квир и мигрантски филмски фестивал Амстердам кој го иницирал во 2015 година. Нинке Ејсинк, холандска филмска професионалка и режисерка, Салим Салам, филмски професионалец, писател и истражувач и Ханис Багашов, режисер, сценарист и актер.

Утре почнува работилницата „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса“ во организација Креативна Европа МЕДИА Деск МК во соработка со Агенцијата за филм и Скопје филм фестивал. Се работи за интензивна тренинг програма со цел да ги обучи и подготви македонските продуценти, режисери и сценаристи како најдобро да го пичираат својот проект и да се стекнат со конкретни вештини и знаења за пичинг, и воедно да го пичираат својот проект пред интернационалниот експерт Брајан Мекгил, кој ќе даде свои совети и препораки за секој проект поединечно.

Вечерва (понеделник 22.04) по проекцијата на филмот „Киселина“ во 20 часот во кино Фросина, на прашања од публиката ќе одговара гостинката на фестивалот, актерката Анастасија Евграфова.