НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ ГОСТУВАШЕ ЕКИПАТА НА ФРАНЦУСКИОТ ФИЛМ „АВА“

НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ ГОСТУВАШЕ ЕКИПАТА НА ФРАНЦУСКИОТ ФИЛМ „АВА“

На Скопје филм фестивал, синоќа, во киното „Фросина“ беше прикажан францускиот филм „Ава“, кој доживеа голем успех, бидејќи освен на Канскиот филмски фестивал, досега е поканет да учествува на над 50 филмски фестивали. Се работи за дебитантски филм кој е приказна за женското созревање на едно 13-годишно девојче што заради болест го губи видот.
По проекцијата, режисерката Леа Мисиус, продуцентката Фани Ивонет и сценографката Естер Мисиус одговараа на прашања од публиката.
„Сценариото за „Ава“ го пишував за мојата дипломска работа и на почетокот не знаев како ќе се развие до крај приказната. Таа е трагична, бидејќи девојката го губи видот, но има и многу хумористични моменти. Исто така, иако таа го губи видот, ги развива сите други сетила, нејзиното тело и нејзините копнежи се будат и токму поради тоа мислам дека овој филм е повеќе за животот, отколку за смртта. Мојата идеја во овој филм не беше да зборувам за феминизам, иако главниот лик е жена и во конкретниов случај, остварувањето на своите копнежи и страст таа ги пронаоѓа во еден маж, во кој има доверба и на некој начин, ќе ја спаси“, рече Мисиус.
Низ разговорот се откриваше повеќеслојноста на филмот, во кој се зборува и за односот мајка-ќерка, а прикажан е и односот кон ромската заедница во Франција.

„Ликот на мајката го градев по углед на мојата мајка, која не е традиционална, таа е слободна, додека нејзината ќерка Ава е поконзервативна. Сепак, на крајот, воспитувањето на нејзината мајка, ќе и’ помогне на Ава да ја пронајде својата страст“. Филмот е снимен на 35 мм лента што, како што рече режисерката, било од естетски причини.

Филмот има и политичка порака, рече режисерката. „Полицајците што се појавуваат во филмот се помалку нереални, како да не постојат. Додека го снимавме филмот се одржуваа парламентарните избори, на кои Ромите, кои во нашата држава се сметаат за странци, гласаа за десницата, затоа сметав дека е важно филмот да го вкоренам во денешницата, а ликот на девојчето е и метафора на загриженоста за она што се случува во нашата земја“, рече .

Продуцентката Фани Ивонет кажа дека филмот иако дебитантски, учествувал на околу 60 филмски фестивали, што и за авторите бил неочекуван успех.