НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ ГОСТУВАШЕ РЕЖИСЕРОТ КРИСТОФ РЕЖИН

НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ ГОСТУВАШЕ РЕЖИСЕРОТ КРИСТОФ РЕЖИН

На Скопје филм фестивал, синоќа, во киното „Фросина“ беше прикажан францускиот филм „Скришно“, забавен и меланхоличен филм за она што се случува на маргините на професионалната фудбалска индустрија. По проекцијата, режисерот Кристоф Режин одговараше на прашањата од публиката.
Тој рече дека во минатото и самиот играл фудбал и го сака овој спорт. „Растев во различни средини и токму фудбалот ми помогна да не се чувствувам осамен. Од друга страна, имав можност да го видам и она што гледачите на трибините и обожавателите не го знаат. Се дружев со луѓе од маргините на фудбалот, што не успеале да станат професионални играчи и кои не успеале да го надминат тоа. Сум запознал луѓе за кои единствениот начин да станат некој е фудбалот“, рече Режин.
Тој го напишал сценариото за овој филм токму по углед на луѓето што ги запознал.
„Обично ги гледаме фудбалерите на терен, гледаме натпревари на телевизија, знаеме дека се заработуваат пари, но не ги гледаме луѓето што се зад сето тоа. Сценариото е инспирирано од луѓе со кои сум се запознал, но е и делумно инспирирано од она што може да се прочита по весниците. Во Франција се случуваат многу работи околу фудбалот. Млади луѓе доаѓаат во различни клубови, тие се далеку од семејствата и бараат некој што ќе им биде морална поддршка. Во филмот создадов комплексен лик што, од една страна морализира, а од друга страна живее во големи фантазии. Сакав да го вратам во реалноста и на крај да му дадам едно поправедно место“