НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ ПРЕТСТАВЕНИ НОВИТЕ КРАТКИ МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ

 

Во рамки на програмата Македонска продукција на 22. Издание на Скопје филм фестивал, синоќа беа прикажани три краткометражни филмови од најновата македонска продукција.

„Неонски срца“ во режија на Ана Јакимска, по нејзино сценарио во соработка со Диана Воинеа од Романија е современа приказна за еден средовечен геј маж кој живее двоен живот и почнува да се сомнева дека својата „настраност“ ја вовел во семејството.

Со Јордан Симонов во главна улога, дел од актерската екипа се и Гордана Ендровска, Симеон Дамевски, Симон Палитов, Гзим Жерка.
„Голема благодарност до целата екипа која се вложи во овој филм и до сите пријатели кои несебично ни помогна“, рече Јакимска
Јакимска веќе имаше успех со својот претходен краток филм „Ќе дојдат децата“ кој беше номиниран за најдобар краток игран филм на Меѓународниот филмски фестивал во Шангај во 2017, а беше прикажан и награден на многу филмски фестивали ширум светот. Таа е автор на два кратки играни филмови („Ќе дојдат децата“, „Надвор е ладно“), еден краток документарен филм („Би се викал Барбара“) и неколку музички видеа.

„И(с)згубени“ на режисерот од Охрид, Антонио Велјаноски е филм за осаменоста, надежта и љубовта. Кога осамениот пензиониран лингвист Рудолф (77), оди во поштата, по пат е следен од едно куче од кое не може да се ослободи. Ова ќе доведе до целосна и неочекувана промена во неговиот живот.

Главните улоги во филмот ги толкуваат легендарниот чешки актер Јан Качер и позната чешка актерка Марие Дурнова.
Авторската екипа на филмот ја сочинуваат: сценарио и режија Антонио Велјаноски; директор на фотографија Владимир Димоски; сценограф и костимограф Катерина Јирманова; монтажа Лука Џикановиќ и Антонио Велјаноски; композитор Игор Василев Новоградска; продуцент на сет Зоран Вељаноски Летра. Продуцент на филмот е Елена Станишева.

Филмот е во копродукција со ФАМУ и ФАМУ Студиото од Чешка.

Во краткиот филм „Запирка“ на режисерот Сезер Салихи е со актеритеАнастас Тановски и Синоличка Трпкова. Сценариото е на Салихи и Амед Коркмаз, продуцент е Генц Халими, кој е и директор на фотографија.

Режисерот Сезер Салихи завршил филмска режија на Истанбул Комерс Универзитетот, а роден е во Скопје, неговиот претходен краток филм е „Јуџелџилер“.

Авторските екипи на филмовите по проекциите се поклонија пред публиката во кино „Фросина“.