ПРЕМИЕРА НА НОВИОТ МАКЕДОНСКИ ДОЛГОМЕТРАЖЕН ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ „КОБРА“, ВО РЕЖИЈА НА ИГОР ИВАНОВ – ИЗИ

ПРЕМИЕРА НА НОВИОТ МАКЕДОНСКИ ДОЛГОМЕТРАЖЕН ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ „КОБРА“, ВО РЕЖИЈА НА ИГОР ИВАНОВ – ИЗИ

Се работи за приказна за борачката легенда Шабан Трстена, единствениот спортист од Македонија што освоил олимписко злато и чијшто успех никогаш не бил признаен од политичарите и општеството.
Салата во киното „Милениум“, беше преполна, дојдоа голем број пријатели, спортски работници, познавачи и почитувачи на ликот на Шабан Трстена. А уште додека траеше проекцијата, се слушнаа аплаузи.
По проекцијата на филмот, освен продуцентот Салковски кој се заблагодари на сите што придонеле за реализацијата на филмот, пред публиката во киното се обрати и самиот Шабан Трстена, непосредно, искрено и трогателно каков што е и самиот филм:
„Почитувани присутни, мене ќе ми беше многу полесно сега овде да требаше да се борам отколку да зборувам пред вас. Ви благодарам на сите што дојдовте, за мене ова е голем настан “, рече тој.
Трстена се потсети како му се јавиле за симањето: „Извинете сега малку ми ѕвони телефонот: Ало? Ало! Ние сме собрани тука една екипа, Скопје филм студио, и сакаме да снимиме филм за Вас! Ете вака ми се јавија луѓето на телефон и јас си викам: еееј никој до сега не се сетил на мене од државата, а некои обични луѓе сакаат да снимат филм за мене...За мене, тоа беше големо изненадување!“
И продолжи: „Видете, јас од државата не сум добил ништо, но не се жалам. Јас сум многу богат човек! Ги имам сите мои пријатели кои ме почитуваат! И секогаш кога одам некаде низ државата ме среќааваат луѓе кои ме застануваат и ми викаат Шабан шампионе, ми изразуваат почит!“, рече Трстена на премирата на филмот.
Во филмот „Кобра“ се појавуваат и Зоран Михајлов, борачки експерт, Насе Насев, поранешен селектор на борачката репрезентација, Ајруш Синани, тренер, Милош Вучидолов, доктор, Васил Тупурковски, поранешен претседател на МОК, Зоран Шоров, борач од Македонија, Ванчо Чифлиганец, поранешен претседател на ФБСМ, Назми Али – БК „Тефејуз“, Анатолиј Белоглазов, борач од Русија, Ахмет Ак, борач од Турција, Ферид Мухиќ, филозоф, Агим Касаполи и Антон Серечи, спортски новинари и членови на семејството Трстена.