ПРОЕКЦИЈА НА ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ „МОДНО ФРИК ШОУ” ЗА ЖАН ПОЛ ГОТЈЕ И ДИСКУСИЈА НА ТЕМА „МОДАТА И РОДОВИОТ ИДЕНТИТЕТ” СО СПЕЦИЈАЛНАТА ГОСТИНКА ЛУИЗ ВАЛЕНБЕРГ

 

Во рамки на програмата Посебни проекции на Скопскиот филмски фестивал, синоќа во кино Фросина, беше прикажан документарниот филм „Модно фрик шоу” за Жан Пол Готје, еден од највпечатливите француски дизајнери на висока мода, препознатлив по неговите импресивни и субверзивни креации.

Документарниот филм го следи извонредното и амбициозно двегодишно креирање на гламурозното кабаре на Готје за „Фоли Бержер“ (познат кабаре шоу театар во Париз), што ги внесува гледачите во ексцентричниот и често провокативен свет на овој дизајнер. Структурата на шоуто ја следи хронологијата на 40-годишната кариера на Готје, а тој многу отворено зборува за својата животна историја.

Веднаш по проекцијата се одржа дискусија на тема „Модата и родовиот идентитет” со специјалната гостинка Луиз Валенберг, професорка по модни студии во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм и поранешна директорка на Центарот. Нејзините истражувања се фокусираат на родовиот идентитет, сексуалноста, класите и етносот во областа на модата и филмот.

„Филмот што го видовме по формата беше традиционален, но дава добар поглед на она што се случува зад секое модно шоу, ни дава можност да ги запознаеме луѓето што се околу дизајнерот, исто така одличен увид во историјата на поп културата во 20 – от век“, рече Валенберг.

Разговорот го водеше Кристина Глигоровска, модна истражувачка, членка на француската мрежа за модно истражување – Culture(s) de Mode. Нејзината експертиза е анализа на модата како мултидисциплинарна област, со фокус на врската меѓу модата, телото и технологијата, која истакна дека Готје отвора и ново поглавје во начинот на прикажување на модата. На прашањето за перформативноста и градењето идентитети и за тоа дека модата отсекогаш си поигрувала со сексуалноста и родот, професорката Валенберг рече дека костимите се многу добар пример на експериментирање со другата страна на идентитетот.

„Мејнстрим и традиционалната мода всушност не се занимаваат со ова и не ни го дозволуваат. Па сепак не се облекуваме само од практични причини туку за да раскажеме некоја приказна за себе. Дури и во Шведска која се смета за прилично прогресивна земја, во ред е да бидеш трансвестит, геј или лезбејка, но вознемирувачко е да се биде нешто помеѓу, нешто што не сака да се идентификува во родовите категории. Мејнстрим модата во голема мера инсистира на родовото нормирање и дуализам. Не се оди над или под тоа а токму таму може да се случат интересни работи, каде што има вистински предизвик за модата. Начинот да се сменат работите е да се биде политичен и луѓето да се здружуваат“, рече Валенберг

Разговорите и дружењето продолжија на забавата во МКЦ со музика на Соња Исмаил.