Проекција на краткиот документарен филм „Виолината на Џо“и средба со Кахејн Куперман

 

Во новата фестивалска локација, кафе – кино Котур се одржа проекција на краткиот документарен филм „Виолината на Џо“ („Joe’s Violin“), кој во 2017 година беше номиниран за Оскар, а потоа и средба со Кахејн Куперман (Kahane Cooperman), американска авторка, продуцентка и режисерка, која го претстави филмот и одговараше на прашањата од публиката.
Филмот е вистинска сторија за Џо, жител на Њујорк, кој го преживеал Холокаустот и на повик на една хуманитарна организација, решава да ја донира својата виолина која му помогнала да ги преживее најтешките моменти во животот. Донацијата оди во едно училиште во Бронкс, ја добива 12- годишно талентирано девојче што тешко го преживува разводот на родителите. Се работи за фасцинантна и трогателна приказна, особено кога ќе се сретнат девојчето и старецот.
„Се возев во автомобил, кога на радио слушнав повик за донирање на инструменти за училиштата во Њујорк, си помислив дека сите тие донирани инструменти имаат своја приказна и решив малку повеќе да истражам. Успеав да стапам во контакт со Џо и уште на нашата прва средба сфатив дека неговата животна приказна, чиј дел е виолината е навистина исклучителна. Почнав со снимање со свои средства, а дури потоа успеав да соберам повеќе пари за продукцијата на филмот. Највозбудливо беше кога се сретнаа Џо Фајнголд и Бријана Перез, ќерка на имигранти од Доминиканска Република. Таа, иако беше толку млада, разбира дека инструментот е важен сам по себе. Кога првпат се запознава со Фајнголд, таа му ја свиреше трогателната „Песната на Солвеиг”, последното што го слушнал од мајка му пред да го однесат во логор“, рече Куперман.
Кахејн Куперман е наградувана авторка на документарни филмови и телевизиска продуцентка. Таа продуцирала седум кратки документарни филмови за аутизам, а режирала два од нив за Ејч-Би-О. Неодамна беше и извршна продуцентка и режисерка на „Ладнокрвно: убиствата на семејството Клатер“, четиричасовна крими серија за вистински криминалци за Санденс ТВ на Амазон Прајм. Таа била извршна продуцентка за „Њујоркер претставува“, серија за Амазон Прајм. Од 1996 до 2015 година, работела во познатата телевизиска емисија „Дејли шоу со Џон Стјуарт“.
„Најтешите моменти ни беа кога се случуваа големи трагедии, како 11 септември и пукањата во американските училишта. Како да правите хумор од тоа. Но Џон Стујарт беше извонреден да ја најде вистинската мерка“, раскажуваше Куперман, која во Скопје гостуваше со поддршка на Американската амбасада.