РАЗГОВОР СО АКТЕРКАТА АНАСТАСИЈА ЕВГРАФОВА

 

По проекцијата на „Киселина“ на рускиот актер и режисер Александар Горчилин, синоќа, во кино Фросина, актерката Анастасија Евграфова, одговарајќи на бројните прашања од публиката, рече дека филмот, во голема мера го прикажува начинот на живот на дел од младите во Москва, генерациските конфлкти со родителите и кој е поглед во светот на младата руска буржуазија кои преку сексот, дрогата и техно музиката се обидуваат да најдат смисла во бруталниот свет што ги опкружува.

„Се разбира, не сите млади живеат вака и ова е видување на режисерот. Сликата за овие млади луѓе е слична со младите во другите европски градови. Она што е различно е што во Москва до деведесеттите години многу млади учествуваа во банди што доведе до тоа мојата генерација, многу мои колеги, пријатели, вклучувајќи ме и мене, да се пораснати без татко, без чувство за семејство и двајца родители“, рече Евграфова.

На почетокот на филмот едно момче се самоубива скокајќи од балконот и таа рече дека тоа бил вистински настан.

„Да, тоа навистина се случи во Москва. И ние како актери ги користевме своите сопствени животи во улогите, сме имале искуства како ликовите во филмот, затоа, меѓудругото и бевме избрани од режисерот. Во Москва можете да сретнете многу такви личности какви што се прикажани во овој филм. И самиот наслов „Киселина“, освен што значи дрога е и метафора за нешто за разјадување на човекот одвнатре. Всушност ова е приказна за пронаоѓањето на себеси и својата среќа“, објасни Евграфова.