РАЗГОВОР СО ПУБЛИКА СО ЕКИПАТА НА ФИЛМОТ „ТАКСИМ ХОЛДЕМ“

РАЗГОВОР СО ПУБЛИКА СО ЕКИПАТА НА ФИЛМОТ „ТАКСИМ ХОЛДЕМ“

На програмата на фестивалот, синоќа, во киното „Фросина“ беше прикажан турскиот филм „Таксим холдем“, кој е приказна за четворица другари што се собрани да играат покер, но надвор на улиците на Истанбул се случуват протести. По проекцијата, екипата на филмот: Мајкл Ондер, режисер, Јозеф Амадо, продуцент и актерите Дамла Сонмез, Берк Хакман, Емре Јетим и Незих Џихан одговараа на прашањата на публиката.
„Кога ја почнавме подготовката на филмот, пред две години, настаните од Гези паркот, беа се уште многу свежи, никој не помислуваше да направи филм за тоа“, рече режисерот Ондер. Тој кажа дека не се соочиле со директна цензура на филмот. „Никој не ни се јави да ни каже да исечеме некоја сцена или зборови, но вистинската цензура се случува кога барате фондови за снимање на филм“. Тој рече дека во филмот сакал да прикаже различни ставови кон учеството во протестите, како и неколку други актуелни прашања во турското општество.
„Кога го пишував сценариото, учесниците на протестите за владата беа терористи, злосторници, нашата верзија беше дека тоа е големо херојско дело, револуционерно итн. Но ниедна од двете верзии не беше точна. Сакав да се потсетам за моето искуство и можев да се сетам само на смешните работи. И на самите протести имаше многу хумор и графити, мислам дека тој дух на протестите продолжува.”
Продуцентот Амадо рече дека единствен проблем со владата имале заради прикажување на цигари и алкохол во филмот.
„Понекогаш, ние филмаџиите страдаме од премногу автоцензура, но времињата се чудни, засега на сите им се допаѓа филмот, најмногу заради прекрасните актери и хуморот, пред две недели го прикажавме на „Истанбул филм фестивал“, салата беше полна, а реакциите беа позитивни. “