100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

Кинотеката на Северна Македонија и Скопскиот филмски фестивал (СФФ) ја одбележуваат стогодишнината од раѓањето на книжевникот, филмски сценарист и режисер Славко Јаневски (Скопје, 11.1.1920 - 20.01.2000). По тој повод во рамките на СФФ летното кино „Мирно лето“ ќе биде прикажан неговиот краткометражен игран филм ДАВИД, ГОЛИЈАТ И ПЕТЕЛ. 

Славко Јаневски е раскажувач, романсиер, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Еден од основачите на современата македонска книжевност и автор на првиот роман на стандарден македонски јазик, „Село зад седумте јасени“ (1952). Бил уредник е на првиот весник за деца „Пионер“, потоа главен уредник на списанието за деца „Титовче“, на списанијата за литература и уметност „Нов ден“ и „Современост“, на литературниот весник „Хоризонт“ и на хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во меѓувреме работи како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“. Автор е на книги за деца, патеписна проза, збирки раскази, романи, поезија и филмски сценарија. 

Јаневски е сценарист на 6 долгометражни играни филмови. Добитник е на две „Златни арени“ за сценарио, за филмовите ВОЛЧА НОЌ (1955) и МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ (1974) на филмскиот фестивал во Пула. Член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година. 

Добитник е на наградите и признанијата АВНОЈ (1968); 11 Октомври; на Струшките вечери на поезијата (СВП); 13 Ноември, награда на градот Скопје; Рациново признание и наградата Мирослав Крлежа.

 

Филмографија на Славко Јаневски:

1955: Волча ноќ ( Сценарио) 

1956 Последниот колосек, ко-сценарист, игран, Уфус филм Белград

1955: Комитска легенда ( Сценарио) 

1956: Пула 1956 ( Режија, Сценарио) 

1956: Птиците доаѓаат ( Сценарио) 

1957: Сонце зад решетки ( Режија, Сценарио) 

1959: Виза на злото ( Сценарио) 

1959: На двата брега на Вардар (Сценарио, Помошник на режија) 

1959 Македонија (ко-сценарио), документарен, Уфус филм Белград

1960: И морето сонува (Режија, Сценарио) 

1960: Страв (Режија, Сценарио) 

1960: Преку води преку земји  Режија, Сценарио) 

1960: Давид, Голијат и петел  Режија, Сценарио) 

1961: Сфинга (Режија, Сценарио) 

1963: Катастрофа, страдања, надежи (Режија, Сценарио) 

1963: Василие Поповиќ - Цицо (Режија, Сценарио) 

1967: Македонска крвава свадба (Сценарио) 

1971: Македонски дел од пеколот (Сценарио) 

1985: Јазол ( Сценарио)

 

ДАВИД, ГОЛИЈАТ И ПЕТЕЛ

Македонија, 1960, 21 мин.

Режија: Славко Јаневски 

Сценарио: Славко Јаневски 

Улоги: Кирил Ќортошев, Димитрие Бужаровски 

Скитникот е гладен, а детето има петел. За да ја оствари својата цел, да се најаде, скитникот му го зема петелот на детето. Но, поради тагата на детето, скитникот се премислува и детето е повторно со својот пријател. „ И доброто и злото му се вродени на човекот, а ти суди што повеќе му лежи“ (од ненапишаните Голијатови псалми). 

Можеби е интересно да се напомене дека детето во филмот го игра Димитрие Бужаровски, подоцна познат композитор и професор на Факултетот за музички уметности. 

Вреди да се споменат и останатите членови од креативниот тим на овој краток игран филм: Директор на фотографија: Киро Билбиловски; Монтажа: Драгомир Панков; Директор на филм: Благоја Ангеловски; Музика: Властимир Николовски; Сценографија: Диме Шумка; Тон: Јордан Јаневски.