3/4

3/4

Мила, млада пијанистка, се обидува да се подготви за аудиција во странство, но брат ѝ Ники постојано ѝ го одзема вниманието со својот талент за досадување додека Тодор, нивниот татко астрофизичар, не е способен да се справи со проблемите на децата. Нежна студија за еден фрагментиран семеен портрет во текот на последното заедничко лето.

Во исто време интелектуален и лесен како пердув, дебитантскиот филм на режисерот Илијан Метев е деликатна семејна студија што повеќе наликува на скромните, соголени филмови од Азија отколку на современата бугарска продукција. После огромниот успех што го постигна во 2012 година со документарниот филм „Последното амбулантно возило во Софија“, талентираниот режисер се врти кон играниот филм снимен со реализам, каде што се одбегнува голема драма прикажувајќи го летото на промени за еден татко и неговите две деца. Снимен со непрофесионални актери, неговите ликови се како лебдечки делови од една целина, ретко кога заедно но сепак поврзани, со лесна камера што уште повеќе го засилува чувството на веродостојност. „3/4“ нема класична приказна, тоа го покажува и самиот наслов, кој алудира на три четвртини во музиката, како и на тоа дека една четвртина од сликата е или загубена (мајката) или треба да се пополни. Во последната сцена на филмот, која не се совпаѓа временски со остатокот од филмот и не е јасно каде се случува, Мила му вели на Ники: „Мора да фатиме ист ритам“, со што се признава дека тројцата членови на семејството повремено не се синхронизирани, но доловува чувство на оптимизам дека ова раштимано трио, сепак, ќе може да се хармонизира во привлечна мелодија. Камерата ги следи однапред, што значи дека публиката не ги гледа другите работи сѐ додека ликовите не се соочат со одредена ситуација во филмот. Тоа создава засилено чувство на простор на екранот, особено во поглед на звукот. Уште повеќе, ова е визуелна аналогија за процесот кога сегашноста веднаш станува минато.

Добитник на главната награда на филмскиот фестивал во Локарно.