понеделник, 05 септември 2022
ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА
„Вози ја мојата кола“, според кратката приказна на Харуки Мураками, е трогателен патувачки филм за љубовта, загубата, прифаќањето и мирот. Две години по неочекуваната смрт на сопругата, познат театарски актер и режисер добива понуда да режира продукција на „Вујко Вања“ на театарски фестивал во Хирошима. По пристигнувањето, театарската компанија му доделува возач бидејќи му е забрането да вози додека му трае договорот. Деновите со напнати проби се балансираат со долгите возења во автомобилит со Мисаки, со која бргу се зближува. Мистериозната и нерасположена Мисаки има свои мрачни тајни, и додека го вози низ градот заедно се соочуваат со болните вистини од минатото и наоѓаат нови начини да одат напред. Бавен, а сепак интимен, разигран и елегантен, филмот „Вози ја мојата кола“ е трогателна медитација за убавината на човечката поврзаност и за трансформативната моќ на патувањето. Филмот е суптилен наратив со максимален ефект, а драмата на Чехов потсвесно одекнува како поттекст во заднината.
Добитник е на наградата за најдобро сценарио и на наградата ФИПРЕСЦИ на Канскиот филмски фестивал во 2021 г. и на Оскар за најдобар странски филм во 2022 г.