ЕДНО УБАВО УТРО

ЕДНО УБАВО УТРО

Миленичката на фестивалите Миа Хансен-Лов се враќа со оваа длабоко впечатлива хроника за жена што е преплавена со своите обврски како мајка, ќерка, работничка и љубовница. Со повеќеслојната изведба на Леа Сејду, „Едно убаво утро“ фрла светлина на чудата и турбуленциите на секојдневниот живот.
Сандра ги минува деновите работејќи како преведувачка, посветена самохрана мајка на осумгодишно дете и се грижи за нејзиниот татко, пензиониран професор по филозофија кој полека го губи видот, меморијата и независноста поради болест. Во сè што работи, Сандра е интелигентна, трпелива, енергична, но и целосно истоштена. И покрај убавината и харизмата, чувствува како љубовниот живот да ѝ завршил, сè додека не се сретне со стариот пријател Клеман. Времето што го минуваат заедно се чини радосно и среќно, иако сите други аспекти на нивната врска се чинат комплицирани и полни со проблеми.
Впечатливата елеганција на пристапот на режисерката произлегува од нејзината доверба во целосно развиените ликови и од одбивањето да внесе вештачка драма во настаните од нивниот живот. Леа Сејду – ретка француска ѕвезда што лесно минува од холивудски блокбастери (серијалот за Џејмс Бонд), во смели интернационални дела („Јастог“, „Злосторства на иднината“ на Кроненберг) и најдобрите француски филмови – е неверојатно реалистична во улогата.