50 ГОДИНИ ОД „КУМ“: ПОНУДА ШТО ИСТОРИЈАТА НА ФИЛМОТ НЕ МОЖЕШЕ ДА ЈА ОДБИЕ

50 ГОДИНИ ОД „КУМ“: ПОНУДА ШТО ИСТОРИЈАТА НА ФИЛМОТ НЕ МОЖЕШЕ ДА ЈА ОДБИЕ

Создаден од низа случајни избори, денес, 50 години подоцна, „Кум“ има неслучајно историско значење. Можеби вака најкратко може да се објасни феноменот на филмот, nо, се работи за тоа дека „Кум“ е од оние филмови што се поголеми од историјата.

Кога еден филм не само што станува култен, туку со текот на годините и децениите неговото значење и влијание постојано расте и расте, тогаш сведочиме на редок феномен во историјата на филмот. Денес, за да дојдете до базичното прашање во врска со „Кум“ и неговите две продолженија, мора да ги „расчистите“ бројните наслаги од информации, митови, урбани легенди, анегдоти, изреки кои ги знаат сите... Најголемиот феномен на „Кум“ е тоа што филмот како да е „роден“ со таа патина во 1972 година, препознатлива изминативе 50 години. Од друга страна, без разлика на тоа колку вкусовите на филмските критичари и на историчарите на филмот се различни, „Кум“ е од оние филмови монолити на кои нема потреба да им се одзема – а уште помалку да им се додава – што било: ниту сцени, ниту монтажни, ни костимографски или сценографски решенија, најмалку ритам во режијата или некоја нота во музиката. Сите овие елементи во „Кум“ се достојни на модерна античка драма во целулоиден формат, во која сагата за мафијашкото семејство е само случаен, но токму заради тоа и најсоодветен избор.

„Кум“ ги освои „Оскарите“ за најдобар филм, најдобра главна машка улога (Марлон Брандо) и најдобро адаптирано сценарио (Копола, Пузо), а бил номиниран во уште 8 категории. 

Репутацијата на „Кум“ кај критичарите и филмофилите низ децениите постојано растела и филмот одамна е дел од  Националниот филмски архив на американската Конгресна библиотека како уметничко дело со посебна вредност, а во рангирањето на Американскиот филмски институт е на второто место, зад вечно првиот „Граѓанинот Кејн“ (1941) на Орсон Велс.

Две години по огромниот успех на „Кум“, во 1974 година компанијата „Парамаунт“ вложува двојно повеќе пари (буџетот е 13 милиони долари) во продолжението, а салдото на кино-благајните во светот е нешто помалку од 50 милиони долари. Копола и Пузо во „Кум 2“ ја враќаат сторијата на почетокот на животот на Дон Вито Корлеоне и неговото доселување во САД како дете побегнато од крвната освета на Сицилија, како увод за големата приказна за новиот мафијашки кум, Мајкл Корлеоне, и предизвиците на новата ера во неговиот бизнис и во семејството, со зачувување на нишката на античката трагедија. Наративната структура низ супериорно изведената паралелна монтажа од „Кум 2“ создава природна целина со првиот дел, па критичарите и историчарите на филмот сметаат дека, всушност, „Кум“ е филм во два дела, диференцирајќи го третиот, последен дел, како потполно засебен и поинаков.  

„Кум 2“ освоил 6 „Оскари“ – најдобар филм, режија, машка споредна улога Роберт де Ниро, адаптирано сценарио, сценографија – Дин Тавуларис, Анџело Греем, Џорџ Нелсон, музика – Нино Рота и Кармајн Копола, а бил номиниран уште во 5 категории . Во „Кум 2“ за прв пат настапуваат двете актерски икони, Пачино и Де Ниро, но без заедничка сцена, и филмскиот свет ќе чека повеќе од 20 години повторно да ги види нивните имиња заедно на најавната шпица во „Жештина“на Мајкл Мен.

Третиот дел од сагата за семејството Корлеоне излезе во 1990 година, а хроничарите бележат дека тоа, повторно, е резултат на прозаични причини – парите. Колку што Копола е успешен како режисер, толку е очаен како продуцент, кој често банкротирал, па иако сметал дека „Кум“ со двата дела е заокружена приказна, не можел да го одбие буџетот од 54 милиони долари. Копола и Пузо сметале дека третиот дел треба да биде финале со наслов „Смртта на Мајкл Корлеоне“, но за  продуценти бројот во насловот бил пологично решение за наслов што треба да продаде филм.

„Кум 3“ забележал солидни 136 милиони долари на кино-благајните, а Копола 30 години подоцна ја објавил неговата верзија под наслов „The Godfather Coda: The Death of Michael Corleone“, која по кратката кино-дистрибуција завршила на ДВД и на блуреј. Третиот дел забележал 7 номинации за „Оскар“, за прв пат бил номиниран и брилијантниот директор на фотографија Гордон Вилис, но не добил ниту еден. Критиката била фокусирана на ќерката на режисерот, Софија Копола, и нејзиното толкување на улогата на Мери Корлеоне го прогласила за очајно, подгревајќи ја „војната“ со Ф. Ф. Копола.

Сагата „Кум“ одамна стана референца во историјата на филмот, своевидна жанровска дата-база и параметар за успех. Или, едноставно, ремек-дело.

 

 

 

 

КУМ

КУМ

United States, 1972, 175 min.

Режија: Francis Ford Coppola

Улоги: Marlon Brando, Al Pacino, James Caan, Richard Castellano, Robert Duvall, Sterling Hayden, John Marley, Richard Conte, Diane Keaton

Сценарио: Mario Puzo, Francis Ford Coppola

Продуценти: Albert S. Ruddy

КУМ: ВТОР ДЕЛ

КУМ: ВТОР ДЕЛ

United States, 1974, 202 min.

Режија: Francis Ford Coppola

Улоги: Al Pacino, Robert Duvall, Diane Keaton, Robert De Niro, Talia Shire, Morgana King, John Cazale, Mariana Hill, Lee Strasberg

Сценарио: Francis Ford Coppola, Mario Puzo

Продуценти: Francis Ford Coppola

КУМ: ТРЕТ ДЕЛ

КУМ: ТРЕТ ДЕЛ

United States, 1990, 162 min.

Режија: Francis Ford Coppola

Улоги: Al Pacino, Diane Keaton, Talia Shire, Andy García, Eli Wallach, Joe Mantegna, Bridget Fonda, George Hamilton, Sofia Coppola

Сценарио: Mario Puzo, Francis Ford Coppola

Продуценти: Francis Ford Coppola