понеделник, 05 септември 2022
СМАЧЕНО МИ Е ОД СЕБЕ
Сигне и Томас се во нездрава, натпреварувачка врска што оди во лош правец кога Томас одненадеш доживува огромен успех како уметник. Како одговор на ова, Сигне прави очајнички обид да си го врати статусот и создава нов лик кој сака да привлече внимание и симпатии.
Во обид повторно да го врати вниманието на себе, Сигне импулсивно зема забранет лек со опасни несакани ефекти, со надеж дека ќе биде доволно болна за да го придобие вниманието кое толку многу го посакува.
Оваа мрачна норвешка комедија, што ја напиша и режираше Кристофер Боргли, го издига токсичното однесување на повисоко ниво и со модифициран приказ на Минхаузеновиот синдром го разоткрива нашиот колективен нарцизам. Се води борба да се привлече вниманието на интернет и на социјалните мрежи, а заедно со вродената морбидна љубопитност, играњето жртва станува форма на фетиш што Сигне решава да ја искористи. Нејзините импулси се колку смешни толку и одвратни, не затоа што е толку тешко да се сфатат, туку на некое лично ниво можеме многу добро да ги разбереме.